,,Има Решение“ кампањата на Министерството за правда за промоција на медијацијата како алтернативен начин за решавање на споровите

Медијацијата во споредба со судските постапки, е поедноставен начин, трае пократко и чини помалку. Особено, рече министерот, привлечна е за бизнис-заедницата затоа што на тие странки најважно им е брзо и ефикасно да ги решат конфликтите, без многу финансии. Како што нагласи Маричиќ, медијацијата не е лек за сите проблеми, но може да стави крај на 50-70 отсто од споровите.

Под слоганот „Има Решение“ започнува кампањата за промоција на медијацијата како алтернативен начин за решавање на споровите и подигнување на свеста кај граѓаните за придобивките од медијацијата.

Кампањата денеска на прес-конференција ја најави министерот за правда, Бојан Маричиќ, кој ја напушта функцијата и во новата Владата ќе биде вицепремиер за европски прашања.

„Алтернативното решавање спорови преку медијација е голем чекор напред не само во насока на забрзување и ефикасност на решавањето спорови, туку и во насока на помодерно решавање на споровите воопшто. Од решавањето на споровите по пат на преговори, корист имаат не само поединците туку и општеството во целост“,

рече Маричиќ.

Овој вонсудски начин на решавање на споровите, нагласи министерот, е поедноставен, трае пократко, чини помалку, доверлив е и без негативни ефекти. Медијацијата, како што рече, е особено привлечна за бизнис-заедницата.

„Со воспоставување и унапредување на медијацијата како сигурна и ефикасна процедура ја закајнуваме и правната средина за бизнисот, особено примамлива станува во стопанските и работните спорови бидејќи на странките во овие спорови најважно им е брзо и ефикасно без многу финансии да ги решат конфликтите и притоа да не ги изгубат деловните партнери“,

рече министерот.

Со користење на медијацијата, според него, се намалува бројот на судски предмети и се отвора простор судовите уште поефикасно и ефективно да ја извршуваат својата функција. Медијацијата, рече Маричиќ, може да стави крај на дури 70 отсто од споровите.

„Медијацијата не е лек за сите слабости во правосудниот систем, но треба да се има предвид дека може да стави крај на 50-70 проценти од споровите. На пример, во САД дури 90 проценти од споровите се решаваат на овој начин, а во државите од Западна Европа повеќе од 50 проценти. Ние секоја година, почнувајќи од 2017 година бележиме пораст во примената на медијацијата како алтернативен начин во решавањето на споровите, но во моментов сè уште сме далеку од нејзиниот вистински ефект“,

рече Маричиќ.

Според  податоците кои ги изнесе тој, лиценцираните медијатори од 2017 заклучно со 2021 прикажале внес на скоро 3 500 предмети во Регистарот за евиденција на постапките за медијација во Министерството за правда, од кои 1 730 завршиле со спогодба.

Прес-конференција на министерот за правда Бојан Маричиќ и медијаторот Славе Младеновски