ДЕБАТА ПО ПОВОД ЕВРОПСКИОТ ДЕН НА ПРАВДАТА ПОСВЕТЕНА НА МЕДИЈАЦИЈАТА

Директорката на Институтот за европска политика д-р Симонида Кацарска, ја потенцираше целта на овој настан кој се организира по повод Европскиот ден на граѓанска правда. Воедно директорката Кацарска напомена дека Институтот за европска политика континуирано работи на активности поврзани со медијацијата и имплементира повеќе проекти кои се поврзани со истата, меѓу кои проектот Партнерство Јустиција: Враќање на довербата на граѓаните, во рамки на кој се организира овој настан и проектот „Медијација, без дилема!“ проект кој има за цел да го унапреди концептот на медијација. Д-р Кацарска ја истакна важноста на организирањето на ваквите настани и вклучувањето на сите релевантни чинители со цел да се унапредат политиките во областа, како и што е случај со денешната дискусија. Поради тоа Институтот за европска политика континуирано организира вакви дебати со вклучување на сите релевантни чинители, со цел да произлезат конкретни препораки и со тоа да се помогне на работата на носителите на одлуки во донесувањето на политиките базирани на докази.

Претседателот на Комората на медијатори на Република Северна Македонија (КМРСМ) м-р Славе Младеновски на денешната дебата по повод Европскиот ден на правдата во организација на Институтот за европска политика (ЕПИ) истакна дека во наредниот период, Комората на медијатори ќе се фокусира на унапредување на медијацијата со цел да им објасни на бизнисмените, во време на криза, дека медијацијата е рационална и разумна постапка и дека брзото решение е основа за раст на бизнисот. Преку информирање и едукација на граѓаните, потоа законски измени и со создавање услови за развој за поголема примена на медијацијата при решавање спорови, објективно се надева дека медијацијата ќе биде првиот избор за страните во спорот во однос на судската постапка и реално очекува да покаже дека тоа е вистинскиот пат до спогодба на задоволство на страните.

При тоа претседателот Младеновски потенцира дека бројот на спорови, што ќе бидат решени со медијација во македонското општество, не само што ќе се зголемува, туку очекува значително да се подобри сликата во општеството и перцепцијата на јавноста за можностите за доаѓање до правда или правично решение. Нашата процена, рече Младеновски, е дека сегашната бројка,, која надминува 3000 постапки на медијација и околу 2000 спогодби за 3 и пол години од 46 запишани медијатори во Именикот ќе се зголемува уште повеќе, ако се изменат условите, според кои се врши медијацијата.

М-р Младеновски на дебатата рече дека очекува во наредниот период да дојде до усвојување на измените и дополнувањата на законот за парнична постапка (ЗПП), според кој се предвидува задолжителна обид за медијација за работните, стопанските и споровите од мали вредност. Ова за граѓаните, за бизнис и за јавниот сектор значи навремена информација, ново сознание и голем мотив спорот да го решат ефикасно и евтино. Забелешките на новите измени и дополнувања на ЗПП од неколкумина од една област дека на тој начин се зголемуваат трошоците на спорот, дека медијаторите не биле стручни да решат финансиски спорови и дека тоа не биле добри решенија, претседателот Младеновски ги оцени дека се субјективистички, пристрасни, тенденциозни, неточни и нестручни. Според Младеновски изнесените забелешки говорат во прилог на тезата дека критичарите на измените на законот не ја познаваат медијацијата како постапка.

За тоа што значи примената на медијацијата во решавање спор во споредба со судската постапка и кои се ефектите од медијацијата, Младеновски наведе како илустрација една спекулативна ситуација. Во македонското општество, ако на годишно ниво вкупно има 1000 субјекти / предмети што се обиделе спорот да го решат во постапка на медијација и ако 50% од нив се решат со спогодба, тогаш заклучокот е дека овие предмети не завршуваат во судска постапка. Високиот процент решени спорови, над 50%, според сегашната статистика, потенцира Младеновски, говори во прилог на стручноста на медијаторите, од една страна и овој процент е поголем ако во анализата не се пресметуваат предмети во кои не е постигната спогодба кога поканетата страна не се јавила на медијација, од друга страна. Постигнатите спогодби во 50% од предметите во постапка на медијација престануваат да генерираат трошоци, бидејќи не завршуваат во судска постапка,. Висината на трошоците на другите 50% предметите што се решаваат во судска постапка се 10 пати поголеми од трошоците во медијација, односно за еден предмет што завршува во судска постапка висината на трошокот е еднаква на трошокот за 50 постапки во медијацијата

М-р Младеновски се осврна на актуелниот напад врз медијаторите и медијацијата, а во контекст на предлог измени во ЗПП, при што истакна дека до нив немаше да се дојде кога тие што ги критикуваат измените знаат дека предметите ќе завршат повторно во судска постапка поради нестручни медијатори. Стравот е реален и оправдан, смета Младеновски и додава дека тоа е за првпат откако е донесена правна регулатива во Северна Македонија да се очекува со примената на медијацијата, 50% од предметите да бидат решени со спогодба. Претседателот на Комората Младеновски, констатира дека предлагачот на законот и законодавецот треба да издржат на определбата да бидат донесени измените во ЗПП. Тие измени ги третираат и претставуваат јавно добро, бидејќи ги предложиле стручни лица од комисијата, односно се воделе од интересот на сите граѓани да дојдат до правда, без притоа страните да се изложуваат на високи судски трошоци.. Начинот на кој настапуваат критизерите, говори дека се обидуваат да вршат притисок за сопствени цели и интереси и од тие причини. Младеновски смета дека предлагачот не треба да попушти на притисокот од само една професија со цел да бидат заштитени нивните субјективни интереси. Младеновски рече: „Нивниот страв доаѓа како резултат од досегашната работа на способните медијатори кои можат да им помогнат на страните да дојдат до спогодба, а не се плашеа досега од лоши медијатори кои немаат вештини и лиценца, какви што имаше претходно“
Комората на медијатори преку соработката со Институтот за европска политика (ЕПИ) и Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО), подржани од амбасадата на Холандија ќе спроведат серија работилници за бизнис заедницата и за граѓаните каде што главната порака ќе биде: „со примена на медијација бизнисот расте“, односно со развојот на медијацијата создаваме подобро општество“, истакна претседателот Комората на медијатори Младеновски

Проф. Д-р Гордана Лажетиќ, претседател на Државниот совет за превенција на детско престапништво на денешната средна по повод европскиот ден на правда истакна дека Европската унија посветува внимание на ресторативната правда во документи коишто се однесуваат на правата на жртвата, при што се укажува на потребата медијацијата да биде возможна пред или за време на кривичната постапка, за кривични дела што ќе се оценат како соодветни, при што секоја држава- членка треба да пропише дека постигнатиот договор меѓу жртвата и сторителот има соодветни правни импликации.
Медијацијата во казнената област постои како законско решение уште од 2007 година, првин во постапката спрема деца, согласно поранешниот Закон за малолетничка правда, а од 2010 и во Законот за кривичната постапка, во скратената постапка за кривични дела што се гонат по приватна кривична тужба, во рамките на рочиштето за мирење,- истакнува претседателката Лажетиќ. Државниот совет за превенција на детско престапништво, според Д-р Лажетиќ ја вклучи примената на медијација во своите индикатори, со цел да влијае врз подигнување на свеста на јавните обвинители и на судиите за можностите што Законот за правда за децата ги содржи. Податоците за периодот 2014-2019 година покажуваат дека таа била применета од страна на обвинителите во 39 случаи, а од страна на судиите во 9 случаи. Најчеста примена има ОЈО Скопје и ОЈО Тетово. Охрабрува податокот дека процентуално успешноста на медијацијата е близу 60%,- истакнува претседателката Лажетиќ и додава дека Предлогот за измена на Законот за правда за децата предвидува задолжителен обид за медијација во постапувањето пред јавниот обвинител, со што се оценува дека се создаваат услови за географски гледано, поширока, и позачестена примена на медијацијата во практиката.
Обуката, вештините, знаењата, размената на искуства се важен аспект во постапката за медијација, смета Д-р Лажетиќ, па поради тоа, Државниот совет за превенција на детско престапништво, заедно со Комората на медијаторите и Академијата за судии и јавни обвинители потпишаа Меморандум за соработка. Преку оваа соработка, смета претседателката Лажетиќ ќе бидат изработени прирачници за обука, организирани специјализирани обуки и соодветно ажурирање на листите на медијатори како и формирање Центар за медијација за деца.

На крајот Лажетиќ потенцира дека останува заедничка заложба за поддршка на активностите на Комората на медијаторите во синергија со другите фактори и субјекти во унапредување на постапувања спрема деца кои ги задоволуваат критериумите за постапување во најдобар интерес на детето.
Радица Лазареска Геровска, државен советник за извршување, нотаријат и медијација во Министерството за правда истакна дека деценија и пол се бореле и се обидувале да ја етаблираат и промовираат медијацијата во општествениот живот на земјата и после многу изминати години најпосле може да се каже дека таа не само што постои, туку и дека функционира и дава исклучително позитивни резултати, кое не остануваат незабележани. Според Лазареска Геровска,  ако до 2016 година биле 170 медијатори и 20-30 медијации за период од 10 години, сега има 46 медијатори и над илјада предмети за 4 години. 

Министерството за правда, укажа Лазареска Геровска, дека интензивно ја следи и анализира примената на медијацијата, што е особено олеснето со воведувањето на Електронскиот регистар на медијации во Министерството. Притоа особено е важно дека регистарот е достапен до секој медијатор и тој самиот ги внесува податоците за своите предмети, што овозможува избегнување на било какви грешки што се случуваат при рачно внесување податоците од страна на МП врз основа на писмени извештаи од медијаторите. Сега податоците се тековни, на дневна основа и овозможуваат брзо генерирање на потребни информации од аспект на број на предмети, тип на предмети за медијација по области, статус на постигнати спогодби. За жал се уште сите медијатори не ја користат можноста за внесување на предметите во електронскиот регистар, што  ни го оневозможува увидот во  целосната слика, истакна Лазареска Геровска и додава дека се уште има разлика во податоците на Одборот за бројот на медијации ( над 3000 до 2019), со податоците на МП кои до октомври 2020 надминува 1800 предмети. Притоа 68 % од предметите се завршени со спогодба, Процентот на спогодбите во 2020 е во пораст, споредено со 2018 и 2019 година, но се уште во заостаток со 2017 година, која беше рекордна година како по број на предмети така и по број на спогодби.  Воедно радува и фактот дека после 6 години без ниту еден предмет на медијација во делот на Законот за правда на децата, најпосле во 2019 година се евидентирани 15  предмети од кои седум завршиле со спогодби, што е исклучително висок процент на успешност, истакнува државниот советник Лазареска Геровска.  Министерството продолжи со обидите за стимулирање на медијацијата, преку нејзино вградување како задолжителен обид во Законот за парнична постапка, што наиде на големи реакции од стручната и општа јавност, која реагираше на нејзината задолжителност. Ова е индикатор дека  пред сите нас се уште постои сериозен процес на промоција на медијацијата и запознавање на сите со предностите на медијацијата, како од аспект на економичноста, така и од аспект на целисходност имајќи го пред се нејзиниот WIn WIn  ефект. Во процес е подготовка на нов закон за медијација, за кој се очекува да се интензивира следниот месец, со оглед на определбата на Владата Законот да биде донесен до крајот на 2020 година истакнува државниот советник Лазареска Геровска на крајот од своето излагање.

Претседателот на Одборот за обезбедување, следење и оценување на квалитетот на работите на медијацијата Проф. Д-р Марко Андонов истакна дека статусот на Одборот е определен во законот за медијација, според кој тоа е владино тело и станува збор за регулаторен орган во оваа сфера. Одборот издава лиценци на медијаторите и лиценци на обучувачи на медијатори што ги исполнуваат критериумите. Истовремено, на правните и на физичките лица што сакаат да одржуваат општи и посебни обука за медијаторите им издава акредитација,- истакна претседателот Андонов. Одборот во својата надлежност има обврска да врши евалуација на работата на медијаторите, при тоа поднесува соодветни извештаи до министерството за правда и Владата на РС Македонија.

Претседателот Андонов истакна дека овој состав на Одборот започнува да работи кон крајот на 2017 година и во изминатите три години направил неколку позитивни чекори поврзани со развојот на медијацијата. Имено, за прв пат се издадени лиценци за обучувачи на медијатори и акредитации на правни субјекти од нашава држава кои ги одржаа првите обуки за медијатори. Претходно, медијаторите се завршуваа обуки во соседните земји. Одборот ја заврши евалуацијата на работата на медијатори за 2017 и 2018 година и констатира дека 20, односно 27 медијатори вршеле медијација во наведените две години. Вкупно за две годни биле примени 3137 предмети во постапки за медијацијата, рече Андонов и додава дека според видот на спорот најмногу има работни и стопански спорови. Од вкупниот број пријавени предмети 1436 завршиле со спогодби, од кои 68 се солемнизирани кај нотар со што спогодбата има карактер на извршност. Законот не ги обврзува страните што постигнале спогодба да одат на нотар за да ја солемнизираат, односно ова можност е слободен избор на страните.

Одборот смета според Андонов дека процентот на постигнати спогодби, кога се има вкупниот број на предмети во медијација е мал. Сметаме дека една од главните причини за малиот процент на постигнати спогодби во медијацијата се должи на ниската ниво на свест кај физичките и правните лица за предностите од медијацијата, како и за економичноста и брзината на постапката на медијацијата. Сметаме дека свеста на граѓаните, на народот е таква што сака споровите да ги решава на суд со мисла дека тоа е посилно и појако решение и дека тоа е начинот според кој може да го оствари своето право. Останува потребата да се подобрува свеста кај граѓаните преку организирање вакви настани и кампањи во организација на Комората, оценува Проф. Андонов. Потребна е поддршка од Владата, која во оваа насока потпиша Меморандум за соработка со Комората на медијатори со цел да дојде до подобрување на општествената состојба за развој и примена на медијацијата. Што се однесува до законската регулатива, која ја определува медијацијата, потенцира Андонов дека во овој период е во подготовка нов закон за медијација. Новините во законот ќе бидат и во делот на негово усогласување со директивите на Европската Унија за поголема примена во праксата и нејзино квалитативно и квантитативно подобрување во општеството, заклучи на крајот од своето обраќање претседателот на Одборот Андонов.
Во продолжение на дебата воведните излагачи одговорија на неколку прашања од учесниците.
 

Галерија