ОСВРТ НА КОМОРАТА НА МЕДИЈАТОРИ КОН ПРЕДЛОГ НА АКРСМ ЗА ИЗМЕНИ И ДОПОЛНУВАЊА НА ЗПП (чл.461 од Закон за парнична постапка)

 Во врска со доставениот предлог на Адвокатската Комора на РСМ за бришење на чл.461 ст.2,ст.3 и ст.4 од ЗПП, (или поконкретно чл.47 од Законот за измени и дополнување на Законот за парнична постапка Сл.в.на РСМ бр.124 од 23.07.2015 година) доставен до Работната група на Министерство за Правда која изготвува нов текст на измени и дополнувања на Законот за парнична постапка, а предвид неспорната определба на нашата држава да пристапи кон членство во ЕУ, сметаме дека треба да се посочи на потребата за внимателен пристап кон разгледување на ваков предлог бидејќи може да се предизвика штета на процесот на имплементирање на медијацијата во правниот систем на РСМ, што е спротивно на начелото за владеење на правото и обезбедување слободен пристап до правда.

Согласно чл.47 од ЗИД на ЗПП со кој се менува чл.461 од ЗПП  Сл. В. на РСМ, бр.124 од 23.07.2015 година :
,,Во членот 461 став 1 на почетокот на одредбата се додава бројот “(1)“.

По ставот (1) се додаваат три нови става (2), (3) и (4) кои гласат:

“(2) Во стопанските спорови за парично побарување чија што вредност не надминува 1.000.000 денари, а по кои постапката се поведува со тужба пред суд, странките се должни, пред поднесувањето на тужбата да се обидат спорот да го решат по пат на медијација.

(3) При поднесување на тужбата тужителот е должен да приложи писмен доказ издаден од медијатор дека обидот за решавање на спорот по пат на медијација не успеал.

(4) Тужбата кон која не е приложен доказот од ставот (2) на овој член судот ќе ја отфрли.“

Досегашните Извештаи на ЕУ за напредокот на нашата држава кон зачленување во ЕУ во областа на алтернативното решавање спорови, особено медијацијата беа со негативни оценки, односно содржеа укажувања дека не се постигнати значајни резултати од практикување медијација.

Следствено на ваквата констатација, логична е потребата за вложување дополнителни напори за создавање поповолни услови за граѓаните и бизнис секторот почесто да ја користат медијацијата, а не да се укинуваат одредби кои ја содржат единствената мерка која даде добри резултати и придонесе заживување и примена на медијацијата.

Имено, со воведување на мерката за задолжителен обид на медијација во стопански спорови, за прв пат по донесувањето на првиот Закон за медијација од 2006 година се покажаа исклучително добри резултати и се зголеми бројот на предмети  на  медијација. Веќе во Регистарот за евидентирање на предмети на медијација  во Министерство за Правда се заведени над 2.000 предмети на медијација. Споредбено со претходниот период 2006 - 2016 година, бројот на предмети на медијација беше едвам двоцифрен, што значи огромна разлика и потврда дека сме на вистинскиот пат за подобрување на состојбата со алтернативно решавање спорови во државата по што и процентот на решени предмети со спогодба се искачи над 30% успешност на решавање стопански спорови. Овие спорови се решени без инволвирање на судот, побрзо, поефтино и ефикасно што е причина за создавање подобра бизнис клима.

При изготвување на извештајот на Светска Банка за рангирање на државите во светот (190 држави) според  условите за  водење  бизнис  ,,DOING BUSSINES,, што се прави секоја година, се посветува доста внимание на создавање услови за компромисно решавање на споровите и за брзо обновување или задржување на веќе воспоставените деловни односи. Во врска со мерењето на квалитетот на правда, се оценува меѓу другото и дали деловните субјекти можат да користат  медијација  за решавање на трговските спорови  и дали се постигнати позитивни ефекти од користење медијација. Така, воведениот задолжителен обид на медијација се покажа како вистински погодок за подобрување на рангот на државата и поради зголемувањето на бројот на решени стопански спорови со спогодба постигната во  медијација.

Воведениот задолжителен обид за Б2Б медијацијата, ги даде првите позитивни резултати за решавање на овој вид на спорови во постапка која не е судска постапка, со што излегувајќи од рамката на она што значи традиционално и балкански, квалитетот на правдата значително се подобри и се искачи на повисоко ниво заради  изострување на чувството  на одговорност и свесност на бизнис партнерите дека акцентот на деловната соработка треба да го стават на зачувување, обновување и унапредување на деловната соработка и во иднина, за истата да не  прекине, и да не се троши  време и средства по судовите за решавање на спор.

Од вака наведените причини, произлегува дека улогата на адвокатите при решавањето на трговските спорови е огромна и истите како соработници на медијаторите можат да имаат многу поактивна улога во застапувањето на интересот на клиентот при решавањето на спорот во рамки на она што го дозволува законската регулатива. Неаргументиран е предлогот на АКРСМ за бришење на чл.461 од ЗПП за укинување на задолжителниот обид.

Едно од најважните етички правила за адвокатите гласи : Адвокатот секогаш треба да ја земе предвид претпоставката да спротивната странка дејствува со истото чувство  за правичност и со исто убедување во неговите права, како и неговиот клиент, па доколку се почитува ова правило, медијацијата како начин на решавање на спорови е добредојден за странките секогаш кога е тоа подобно за конкретен спор а особено кога се работи за обновување на нарушени блиски односи (меѓусоседски, колегијални, роднински, бизнис односи и сл.)

Како Комора која ги штити правата на медијаторите и се грижи за развојот на медијацијата, впрочем како и за напредокот на Република Северна Македонија кон зачленување во Европската Унија, наше становиште е дека треба да се  продлабочува соработката на двете комори во заедничките напори за давање правна помош при решавање спорови на граѓаните и деловните субјекти кои ќе покажат интерес или ќе се увиди дека е во нивен интерес да се обидат да го решат спорот со постигнување спогодба.

Навистина нема ниту една оправдана и аргументирана причина зошто да се избрише предметната законска одредба во услови кога за само четири години се постигнати одлични резултати и за прв пат се создаде поволна клима заради која би добиле подобрен извештај од ЕУ. Сметаме дека за да се изготви евалуација која ќе ја даде вистинската слика за состојбата по воведувањето на задолжителниот обид на медијација во стопанските спорови, би требало да измине период од барем 10 години. Ова од причина што досега, исклучиво доброволниот пристап при  избор на начинот на решавање на спорови со медијација не беше поттикнат и поддржан од релевантните субјекти (судии, адвокати, државни институции и сл.) па со воведената мерка за задолжителен обид на медијација со кој не се засега во доброволноста на одлуката дали спорот да се реши со медијација или судска постапка, медијацијата како релативно нова постапка во однос на традиционалната судска постапка почна да станува препознатлива за странките во правниот промет.

Укажуваме дека воведениот задолжителен обид на медијација со чл.461 од ЗИД на ЗПП не е осамен пример на мерка за развој на медијацијата само во нашата држава, но напротив,  Република Северна Македонија го следи примерот на многу други Европски држави кои веќе имаат воведено задолжителен обид на медијација при решавање на одредени видови на спорови и постигнале одлични резултати и висок степен на развој на нивната правна култура за компромисно решавање на спорни односи.

Во прилог на вака дадената констатација посочуваме на Rebooting Mediation Directive (Евалуација на Директивата за медијација во граѓански и стопански спорови 52/2008) каде се дава осврт за состојбата со медијацијата по донесувањето на директивата и мерките кои се неопходни за развој на медијацијата. Повеќе од 800 Европски експерти и стручни лица во оваа област, се согласни дека единствен начин како развојна мерка за примена на медијацијата е воведувањето на задолжителен обид на медијација (во некои држави - задолжителни медијаторски сесии пред судска постапка) што се покажало како доста успешна мерка во над десет Европски држави.

Откако воведениот задолжителен обид на медијација во стопанските спорови даде позитивни резултати, на наше пријатно изненадување, истата мерка  ги охрабри вработените и работодавачите да се одважат и работните спорови кои воглавно се однесуваа на остварување права на надоместоци и додатоци од работен однос, да ги решаваат со медијација а не во суд, иако за овој вид спорови не е воопшто предвиден задолжителен обид на медијација. Се зголеми и бројот на решени предмети со медијација и за потрошувачки спорови и осигурителни спорови. Во Регистарот за евидентирање предмети на медијација на Министерството за Правда,  регистрирани се предмети на медијација со успешно решени работни спорови при што процентот на успех кај овие спорови изнесува 100% што е исклучително добар резултат за и понатаму да се поттикне уште повеќе решавањето спорови со медијација.

Во контекст на погоренаведеното, упатуваме и на Mediation Development Тoolkit Council of Europe,CEPEJ Working group of mediation, каде меѓу најважните учесници во процесот на развојot на медијацијата, меѓу другите се спомнати адвокатите и нивната активна улога во информирањето на нивните клиенти за предностите на медијацијата во однос на судската постапка особено во оние предмети каде во преден план е зачувување и обновување на блиски релации а и заради економичност брзина и ефикасност при решавањето на спорни односи. Поради значењето на улогата на адвокатот како полномошник во постапка на медијација, се очекува адвокатите да дадат отворена поддршка на медијацијата и оправданоста на мерката за задолжителен обид на медијација при решавање на одредени видови на спорови бидејќи сепак на крај, најважен е интересот на клиентот и фокус на решавање на неговиот правен проблем на најдобар поволен начин, со одбегнување на сложени правни лавиринти.

И секако, од особено значење за потребата од задржување и понатамошна примена на задолжителниот обид во Б2Б медијацијата е и потпишувањето и пристапувањето на нашата држава кон Сингапурската Конвенција за медијација во август 2019 година.

Со потпишувањето на оваа конвенција, Република Северна Македонија се придружи кон семејството на држави кои обезбедуваат заштита на интересите на бизнис секторот и на меѓународен план. Целта на конвенцијата  е да им помогне на страните во прекуграничен спор, истиот да го решат со медијација имајќи притоа сигурност и доверба дека постигнатата спогодба може да се спроведе односно  да се  изврши во која било од земјите кои ја усвоија  конвенцијата.

Фокусот на конвенцијата е да го олесни решавањето меѓународни трговски спорови по пат на медијација, да го унапреди меѓународното  право, трговијата и да ги заштити инвестициите. Се отвараат нови перспективи во иднина бизнисите  да имаат  поголема флексибилност, ефикасност и пониски трошоци при решавањето спорови, а државите потписнички како нашата држава, да го подобрат пристапот до правдата преку олеснување на спроведувањето на спогодбите кои ќе се постигнат со медијација при решавање на меѓунардоните трговски спорови.

Факт е и дека медијацијата доби отворена поддршка и од судството во услови кога веќе е воведен задолжителниот обид на медијација за решавање на стопанските спорови. Имено, Судскиот совет на РСМ и Врховниот суд на РСМ усвоија посебни програми за развој и поддршка на медијацијата со што се воспостави и институционална соработка со судството.

Во јули 2019 година, Владата на РСМ, како знак за отворена поддршка на медијаторите и медијацијата усвои Заклучок со препорака за државните институции и општините да пристапат кон решавање на споровите преку користење на медијација секогаш кога е подобно да се примени медијација се со цел за заштеда на буџетските средства и успешно решавање на споровите во кои како една од страните учествува државата, општината  или други државни органи и организации.
Во вака настанати поволни околности кои овозможуваат обезбедување сигурен развој и подобрување на состојбата со медијацијата, несериозен и избрзан е предлогот на АКРСМ за укинување на чл.461 од  ЗПП. 

АКРСМ со свој претставник учествува и во работата на Одборот за медијација кој се грижи за развој на медијацијата па очекуваме поддршка во вистинска смисла.    
       
Впрочем во голем број предмети на медијација, спроведени со посредство на лиценцираните медијатори учествувале голем број адвокати кои дале придонес за постигнување спогодбено решавање на спорот со застапување на интересите на нивните клиенти, па искрено веруваме дека поднесениот предлог не треба да се сфати и како  генерален став  на сите адвокати.   

Задолжителниот обид на медијација не само што ќе овозможи развој на правната култура, туку ќе овозможи и растоварување на судовите од голем број предмети за да се овозможи судиите да посветат внимание и истите да се оценуваат за нивната работа повеќе квалитативно отколку според квантитативни критериуми,  а исто така ќе предизвика кај граѓаните и бизнис секторот промена на перцепцијата за каков да биде пристапот кон решавањето на спорови, не за да се победи спротивната страна, туку да се овозможи подобар поглед кон иднината.