Дијалог за спроведување на Стратегијата за реформа на правосудниот сектор 2017–2022

Комората на медијатори, преку свои претставници учествуваше на настанот кој го организираше Институтот за Европска политика (ЕПИ) на 11.12.2019 година, посветен на Стратегијата за реформа на правосудниот сектор 2017-2021 и процесот на нејзината имплементација во правниот систем.
 
Во делот на имплементација на активностите за подобрување на состојбата со медијација во Акциониот план на Стратегијата, излагаше Државниот советник во Министерството за Правда Г-ѓа Радица Лазареска Геровска.   Беше дадена информација од практицирањето на медијацијата  во изминатите години со нагласување  на успехот кој медијаторите го постигнаа со активното залагање на Комората на медијатори, бенефитот за медијацијата со усвојувањето на Заклучокот на Владата со препорака за државните институции и единиците на локалните самоуправи да ја користат медијацијата при решавање на спорови секогаш кога е подобно да се примени медијација, во насока на заштеда на буџетски средства, како и значењето од остварената соработка на Комората со Владата на РСМ со потпишувањето на Меморандумот за соработка во март оваа година.  Овие мерки се преземени заради спречување на предизвикување дополнителни трошоци  кои произлегуваат од решавањето на споровите во судска постапка, како и заради зацврстување односно обновување на деловната соработка и унапредување на пристапот до правда со компромисно решавање на споровите.
 
Се дискутираше и за предлог Законот за медијација кој е застанат во фаза на второ читање во собраниските комисии  а со кој е предвидено да се извршат повеќе измени во делот на полагањето на испитот за медијација, потребните  компетенции и вештини  на медијаторите во делот на усогласување  во водењето регистри за медијација помеѓу Министерството за Правда и медијаторите, како и воведување електронска достава во медијацијата при процесуирањето на предметите.  

Како предизвици и можности за развојот на медијацијата во иднина, беа напоменати споровите поврзани со малолетници, осигурителните, потрошувачките спорови и споровите поврзани со клевета и навреда, со заклучок дека треба да се обрне внимание на креаторите на прописите во овие области да ја предвидат и нагласат предноста на медијацијата во таквите спорови.
 

Галерија