Со Меморандум за соработка, Комората на медијатори ја зацврсти соработката со Академијата за судии и јавни обвинители на прес-конференцијата во рамки на Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК). Меморандумот го потпишаа претседателот на Комората на медијатори, м-р Славе Младеновски и директорот на Академијата за судии и јавни обвинители, Наташа Габер- Дамјановска, во рамки на првиот Центар за медијација формиран според европски модел во Сојузот на стопански комори.
„Во Комората постои неподелено мислење, медијацијата да ја направиме да биде постапка, која за страните во спорот е прво, единствено и последно решение во доаѓањето до заеднички договор со што ние сме ја завршиле успешно нашата работа како медијатори. Наши конкретни задачи и активности во наредните период се запознавање на граѓаните и институциите со можностите и со позитивните карактеристики на медијацијата во насока на намалување на водењето парница во судска постапка и на намалување на степенот на конфликтност со мирно решавање спор. Тоа мислиме да го направиме преку соодветни обуки работилници и предавања. Во овој поглед станува збор активности во кои како учесници би биле претставници од правосудниот систем, претставниците од бизнис секторот, граѓанскиот сектор и новинарите“, истакна Младеновски и додаде дека за медијаторите од суштинска важност е промоцијата и афирмацијата на медијацијата како соодветно, практично и ефикасно решение за решавање спор кое мора да биде во интерес на двете страни.
Според Младеновски, при донесувањето одлуки во бизнис заедницата, правосудниот систем, јавниот сектор граѓанскиот сектор при решавање на одреден вид спор е пожелно да ги имаат предвид предностите на медијацијата. Вештината на медијаторот се состои во периодот на запознавање на страните со постапката на медијација да им даде колку што е можно повеќе корисни информации. Во постапка на медијација суштината е страните да постигнат договор втемелен врз заеднички интерес, а не да се докажуваат пред медијаторот дека се во право или дека другата страна е виновна. Медијацијата завршува со потпишување спогодба чија форма и содржина ја утврдуваат страните врз основа на своите интереси. Придобивката од решен спор може да биде кратко време или брзо решение, заштита на угледот или подобрување на рејтингот, намалени трошоци или брза наплата, знаење и ново искуство или запознавање на карактеристиките на партнерот во друга ситуација, можност за професионална соработка врз нови принципи и етички норми.
Според директорката на Академија на судии и јавни обвинители, проф. д-р Наташа Габер- Дамјановска е потребно меѓу компаниите да се формира една култура на преговарање наместо сите спорови да завршуваат во судовите. На овој начин, како што вели таа ќе се намали пребукираноста на судовите со вакви спорови и ќе се зголеми нивната ефикасност.
Овие определби на Комората станаа содржина на Меморандумот за соработка со Академијата на судии и обвинители и заеднички се преточени во конкретни области и активности за реализација.
По потпишувањето на Меморандумот деловната заедница во Сојузот, во рамки Центар за медијација при ССК, кој официјално започна со работа на 17 јули годинава, го проследи предавањето на лиценцирани медијатори, претседателот Славе Младеновски и Дејан Белевски претседател на Надзорен Одбор на Комората на медијатори, на тема: „Медијацијата и Бизнисот – брзо решавање спор потреба и цел“.