ЕВРОПСКИ ДЕН НА ГРАЃАНСКА ПРАВДА - Тема - МЕДИЈАЦИЈАТА И БИЗНИСОТ – БИЗНИСОТ РАСТЕ АКО СПОРОТ СЕ РЕШИ БРЗО

Граѓаните и компаниите да ги решаваат споровите по пат на медијација, а не директно на суд, повикуваат од Комората на медијатори. Медијацијата е побрз, поевтин и поедноставен начин да се реши спорот. Законски медијацијата е одредена да трае 60 дена, но во пракса се се завршувало и за пет дена.

„На медијација може да се оди кога една од страните ќе иницира постапка за медијација, а другата ќе прифати. Значи тие не мора да одат во судска постапка, туку можат веднаш да дојдат во постапка на медијација доколку спорот е медијабилен… Моето лично искуство и искуството на колегите со кои разменуваме информации за временската рамка на траење на постапките, таа не трае повеќе од пет дена“, рече Славе Младеновски – претседател на Комората на медијатори.

Од Институтот за европска политика сметаат дека медијацијата може да ја поправи сликата за судството во земјава во аспект на реформите потребни за европската иднина.

„Таа и во европските агенди е еден од клучните елемент, значи еден од столбовите на коишто се потпираат натамошните реформи во правосудството на ниво на Европа. Затоа медијацијата е еден од елементите коишто може значително да придонесе да се подобри воопшто сликата за реформите во судството“, изјави Малинка Ристевска Јорданова – Институт за европска политика.

Според податоците од Комората, бројот на предмети решени по пат на медијација бележи пораст. Само во 2017 и 2018 година над 2 илјади предмети биле решени без судови и адвокати. Медијаторите функционираат слично како адвокатите, имаат своја канцеларија и лиценца за работа. Медијатор може да биде секој граѓанин на Македонија кој има високо образование, кој ќе заврши обука и кој ќе го положи испитот за да добие лиценца од државата.
 
 

Галерија