Потпишан Договор за пристапување со членство кон Сојузот на стопански комори на Македонија

Комората на медијатори на Република Северна Македонија, застапувана од претседателот М-р Славе Младеновски, денес  потпиша Договор за пристапување кон Сојузот  на стопански комори на Македонија, претставуван од претседателот Данела Арсовска, како 34-та членка на Сојузот.

На чинот на  пристапување во членство, на прес конференцијата одржана во просториите на ССКМ, свое обраќање пред новинарите, имаше претседателот на Сојузот, Данела Арсовска која потенцира дека  компаниите во медијацијата гледаат начин на решавање на  споровите во краток рок и без предизвикување високи трошоци. Изјави дека и институциите треба да превземат малку поголема одговорност  во  подигањето на свесноста за бенефитот на медијацијата не само кај деловната заедница, туку воопшто кај сите, кај пошироката јавност за тоа кое е значењето на медијацијата и зошто треба да се практикува медијација за решавање споровите кои произлегуваат не само во секојдневното деловно работење, туку и во секојдневниот живот на граѓаните. Сојузот како застапник на интересите на приватниот сектор алармира на потребата да се афирмира алтернативното решавање спорови со медијација, со акцент  на заштеда на време и средства  кај компаниите  во време  кога е неопходно да се отпочне со реализација на  структурни  реформи во судството  кои би ја вратиле довербата  кај деловната заедница, истакна Арсовска.

Во своето обраќање, Претседателот на Комората на медијатори, Младеновски, истакна  дека во периодот  што следи медијаторите ќе се заложат државата да биде лидер  во регионот  во развојот на медијацијата. Пристапувањето на Коомората кон Сојузот кажа дека ќе значи  продолжување на политиката на градење на мостови  на соработка и пријателство  со деловната заедница бидејќи Комората на медијатори во Сојузот гледа партнер, соработник и пријател во пристапот кај стопанствениците при решавањето на нивните спорови.   Изборот на медијација од страна на стопанствениците, како начин на решавање на споровите  Младеновски истакна дека ќе испрати јасна порака  во јавноста дека истата е подготвена за соработка врз основа на интересот. Пред присутните појасни дека постапката за решавање на споровите со медијација, согласно Законот за медијација, може да трае најмногу 60 дена, но всушност ниту еден предмет не траел повеќе од неколку разговори што ги имале страните во законски предвидениот рок. Од моментот кога ќе се обрати првата страна која ја иницира медијацијата, во максимален рок од 15 дена се остава време за изјаснување на втората страна дали ќе се одважи со преговарање да се направи обид за решавање на спорот. За неколку дена може да се дефинираат  интересите за потоа да се изготви и потпише спогодбата и  евентулно да се потрошши  уште еден ден за солемнизација на спогодбата од страна на нотар,  доколку страните сакаат на спогодбата да и дадат карактер на извршен наслов. Основно што ги мотивира страните во спор.Младеновски потенцира дека  е нивниот интерес. Тие точно знаат кој е нивниот интерес и секогаш ќе се водат од интересот, ќе се трудат постапката да биде кратка, економична и притоа да постигнат и спогодба од која ќе бидат задоволни. Токму заради тоа е подобро за решавање на спор да се избере медијација.

На прашањето, колку би се намалиле трошоците за разлика од судските постапи, Арсовска потенцира дека бенефитот од медијацијата  е огромен бидејќи  судските трошоци се многукратно повисоки.  Разликата меѓу медијацијата и судската постапка  е и долготрајноста на постапката пред суд. Времето во бизнисот и економијата е еден од најважните фактори и не секој го има тој луксуз на располагање да може да решава должничко доверителски односи со години. 

Претседателот Младеновски, на прашање на новинарите, појасни дека во моментов во државата медијаторски работи обавуваат 43 лиценцирани медијатори со надлежност на целата територија на државата и кои се запишани во Именикот на медијатори. Именикот може да се види како од интернет страната на Комората на медијатори, така и од  интернет страната на Министерството за Правда и истиот постојано се ажурира.
 

Галерија