Говор на м-р Славе Младеновски Претседател на КМРСМ на првата европска конференција:
„Медијацијата и бизнисот - со развојот на медијацијата, расте бизнисот“
Комората на медијатори за неколку месеци ќе одбележи две години од своето формирање, а тоа за нас значи дека го гледаме крајот на почетокот. Со организацијата на оваа конференција, Комората на медијатори покажува дека е отворена за соработка и партнерство со медијаторските организации од Европа, со државните органи, со граѓанскиот сектор и со бизнис зарницата. Тоа значи дека нашата работа директно е поврзана со градење добри односи меѓу страните што имаат спор. Македонското општество може да го намали степенот на поделеност по сите основи ако споровите се решаваат со медијација, ако страните што се во спор со помош на медијаторот продолжат да соработуваат и ако успеат да градат партнерски односи со решен спор во постапка на медијација.
Медијацијата има моќ да направи, луѓето што се во спор да бидат пријатели, соработници и партнери. Медијаторите се пионери што со своите вештини и знаења се обидуваат медијацијата да им ја приближат на бизнисмените како метод, како постапка или како алатка за да го решат спорот. На ова, лично како социолог би додал дека медијацијата претставува и филозофија на живеење во односите со луѓето. Ако медијацијата ја поставиме на високо институционално ниво и да биде дел од образованието, тогаш може да очекуваме на долг рок да се намали конфликтноста во општеството.
Комората на медијатори потпиша Меморандум за соработка со Владата на Република Северна Македонија во кој заеднички се согласуваме дека со развојот на медијацијата ги подобруваме односите во општеството меѓу различните страни што се во спор. Овој пристап и денеска го манифестиравме за кој сум убеден дека е иницијација на многубројни позитивни процеси за рзвојот на медијацијата. Сега медијацијата започнува нова фаза во споредба со изминатиот период. Вистинската енергија за да дојде до подобрување во општеството може да се случи ако страните во спорот ја препознаат медијацијата и ги ги запознаат нејзините можности и предности. За КМРСМ од особено значење е граѓаните, вработените во државните органи бизнисмените и други правни субјекти да бидат информирани и да ја разберат медијацијата како постапка која им помага во решавањето на спорот на брз, адекватен, економичен и ефикасен начин. Медијацијата, денес треба да биде напоредна постапка во споредба со судската постапка за решавање спор. Тоа значи, страната што има спор треба да биде информирана и запознаена дека има право, можност и услови да ја избере медијацијата како начин за да стигне до целта кон која што тргнала.
Социолошки гледано, за едно здраво општество секогаш е подобро да има спогодба со двајца задоволни, отколку една пресуда со еден што победил и еден што продолжува да се жали. Сметам дека медијаторите претставуваат вистински личности, а медијацијата може биде патоказот до доаѓањето до целта во споровите меѓу претставниците на државните органи, бизнис секторот, граѓаните и другите правни субјекти. Можам да констатирам дека со решавањето на споровите со медијација во кои една од страните е претставник од јавниот сектор по завршување на постапката со спогодба тоа ќе биде дефинирано со изразот „домаќинско работење“ што значи грижа за парите на граѓаните.
Нашата определба во промоцијата на медијацијата е насочена кон три сегменти: во општеството и тоа: јавниот сектор. бизнис секторот и граѓаните. Секое јавно промовирање и отворена поддршка на медијацијата како постапка во решавањето на споровите, пред се, од претставниците на државните органи ќе биде од голема полза во градење современ правосуден систем, потоа во развојот на медијацијата и во прифаќањето европски вредности во оваа област. Веруваме дека тие, со својот личен пример, преку испратената порака во македонската јавност ќе дадат огромен придосонес за подобрување на меѓучовечките односи во општеството намалување на конфликтноста.
Медијацијата, откако ќе ја запознаат со сите нејзини карактеристики да им биде прва мисла при изборот на начинот за решавање на спорот со потпишување спогодба. Една од констатациите за која постои целосен конзензус меѓу медијаторите и правните субјекти е дека најголемиот дел од јавноста во Република Македонија не е информирана за можностите што ги дава медијацијата во решавање на споровите. Во овој контекст подршка во реализација на активности поврзани со промоција на медијацијата би претставувало голем исчекор во споредба со претходниот период.