Комората на медијатори и Здружението на Јавни обвинители потпишаа меморандум за разбирање и соработка

Комората на Медијатори на Република Северна Македонија и Здружението на Jавни oбвинители на ден 22.11.2023 година, потпишаа Меморандум за разбирање и соработка со кој преку различни заеднички активности ќе ја промовираат  медијацијата како начин за алтернативно решавање на кривичните постапки, што ќе допринесе за нејзина поголема примена.

Засега медијацијата во кривична постапка во нашата држава може да се спроведе единствено во предметите против деца во судир со законот, согласно  Законот за правда за децата, како и во постапките по приватни тужби согласно Законот за кривична постапка.

Примената на позитивните искуства од другите земји, може навистина да помогне во јакнењето на свеста за важноста на медијацијата како особено ефикасен начин за решавање на споровите, за што како Комора веќе сме вклучени и во регионална соработка и размена на искуства со земјите од регионот.


Позитивни примери за широка и ефикасна примена на медијацијата во кривичните постапки има и во соседните земји и може да се констатира дека резултатите од примената на медијацијата се значајни, како за самите инволвирани во постапката така и за целокупното општество.

Со овој меморандум имаме во план да започнеме низа заеднички активности кои би довеле до примена на медијацијата во кривичните постапки, иако со сегашното законското решение опсегот е многу мал,  примената на медијацијата ја има во Законот за правда на децата, но целта е да се воспостави еден концепт кој ќе допринесе со примена на медијацијата да се намали бројот на постапките пред судот.

Медијацијата меѓу другото ги инјектира принципите на ресторативна правда со самата постапка. Во постапката медијација, медијаторот ќе им помогне на страните да ги признаат неправдите, да работат на исправување на работите за сите страни и да се фокусираат на иднината без повторување на спорот. Обновата на довербата е главна цел во овој пристап на решавање на конфликти и спорови, но и доверливоста, економичноста, ефикасноста се дел главните принципи кои ја идентификуваат и даваат предност на медијацијата како корисна во решавањето на споровите, пред другите постапки.

Здружението на јавните обвинители и Комората на медијатори со потпишаниот Меморандум најавија и други заеднички активности, кои вклучуваат заемни обуки и работилници, учество во заеднички проекти и размена на информации.

Меморандумот беше потпишан од страна на Претседателката на Комората на медијатори Гордана Богеска и Претседателот на Здружението на јавни обвинители  Елвин Вели, во присуство на претставниците од Комората на медијатори, медијатор Мишо Живковски - член на Управниот одбор на Комората и медијатор Ирена Цветковска  член на Надзорен одбор во Комората, додека од Здружението на јавни обвинители  беа присутни Јавен обвинител Наташа Гоџоска и  Јавен обвинител Спасенка Андонова.

Галерија