Медијацијата како начин на алтернативно и адекватно решавање на споровите , постои во нашата држава уште од 2006 година, со донесувањето на првиот Закон за Медијација, меѓутоа традицијата да се решаваат споровите пред суд бавно и тешко се менува.

Во контекст на овој неспорен факт, со донесувањето на новиот Закон за Медијација во 2013 година, во целост е имплементирана и во нашата законодавна рамка текстот на Европската директива бр.52/2008 година која се однесува на медијацијата во граѓанските и трговските спорови а интервенирано е и со измени на Законот за Парнична постапка од јули 2015 година, кои се применуваат од февруари 2016 година, со што и во Македонија за прв пат се воведува задолжителен обид на медијација за одреден вид на спорови.

Предвид позитивните искуства на земјите од поразвиените региони во Европа, каде медијацијата многу успешно се практикува и дава неверојатно добри резултати на брзо и ефикасно решавање на споровите, токму со воведувањето на задолжителен обид за медијација за стопанските спорови, пред поведување на судската постапка, кои се однесуваат на парично побарување до 1.000.000,оо денари, а за кои постапката се поведува со поднесување на тужба пред надлежен суд се направи решителен чекор кон вистинско промовирање на медијацијата како алтернативен начин на решавање на споровите.

Овој потег на законодавецот не е воопшто осамен во регионот со оглед да во повеќе од десет држави членки на Европската Унија кои ја имаат исто така имплементирано Европската директива за медијација бр.52/2008 воведен е задолжжителен обид на медијација за при решавање на видови на спорови (семејни, спорови од мала вредност, трговски спорови со банки и осигурителни компании, одредени имотноправни спорови каде е странка државата и сл.)

Медијацијата е алтернатива за судската постапка преку која се обезбедува демократското право на избор на страните во спорен однос, самите да одлучат како ќе најдат разрешница на еден конкретен спор, дали разрешницата ќе се бара со иницирање судска постапка, или со иницирање на постапка на медијација. .

Според нашиот Закон за Медијација, во чл.1 ст.2 од истиот се таксативно наброени сите видови на спорови кои можат да се решаваат по пат на медијација односно кои се медијабилни: имотноправните спорови, семејните, работните, трговските, потрошувачките, осигурителните спорови, споровите од областа на образованието, заштитата на животната средина, споровите во врска со дискриминацијата, како и други спорни односи каде што медијацијата одговара на природата на спорните односи и може да помогне за нивно разрешување.

Од друга страна многу е важно да се знае кои видови на спорови неможат да се решаваат во постапка на медијација односно кои спорови се неподобни согласно начелата на медијацијата да се решаваат на мирен начин и по пат на преговарање. Се работи за : развод на брак, утврдување или оспорување на татковство или мајчинство, статусни постапки за стечај и ликвидација, споровите со елементи на семејно насилство а неподобни се и вонпроцесните постапки кои во принцип и не се сметаат за спорни (физичка делба, уредување на меѓа, оставински постапки, утврдување надоместок за експроприран имот, задолжително лекување во установа или на слобода, прогласување на исчезнато лице за умрено, давање на дозвола за склучување на брак на малолетно лице)

Постапките на медијација согласно чл.2 од Законот за Медијација (Сл.весник на РМ бр.188/13,148/15,192/15 и 55/16) може да ја спроведува единствено лиценциран медијатор кој поседува лиценца за медијатор и ги има исполнето условите за извршување медијаторски работи согласно чл.46 од Законот за Медијација. Посредувањето при решавање на конкретен спор, од страна на лице кое не поседува лиценца за медијатор нема никаква правна важност, па и евентуално постигнатите спогодби или издадени потврди/изјави од страна на такво лице, нема да произведат правно дејство.

Доколку за решавање на одреден вид спор постои заинтересираност истиот да се реши со преговарање по пат на медијација, за да се даде иницијатива постапката да отпочне, потребно е најпрво да се изврши избор на медијатор од редот на лиценцираните медијатори објавени на Листата на лиценцирани медијатори на интернет страната на Министерството за Правда. 

Информации за постапката на медијација може да се добијат од секој од медијаторите наведени на листата на лиценцирани медијатори кои можат на заинтересираните страни Ви им го објаснат значењето на постапката на медијација, целите на медијацијата, улогата на медијаторот, правилата и трошоците на постапката. И секоја друга информација која би била од корист за лицата заинтересирани за иницирање на оваа постапка.

Надлежноста на лиценцираните медијатори е на целата територија на државата, така што при изборот на медијаторот не постои ограничување во однос ниту за адресата / седиштето на заинтересираната страна за иницирање на постапката, ниту за местото каде медијаторот ги обавува медијаторските работи.

Иницијатива за поведување на постапка на медијација дава било која од страните во спор (без оглед дали имате некое побарување спрема друго лице или пак вие должите некому)

Во постапката на медијација, секоја страна си го застапува својот интерес лично, доколку е физичко лице односно преку законскиот застапник / овластеното лице кај правното лице како страна во спор, но може да се користи и правна помош од полномошник адвокат или друго лице кое согласно чл.81 од ЗПП може да биде ангажирано како полномошник и во постапката на медијација и ќе ги застапува интересите на страната (властодавецот) исклучиво во рамките на делокругот на овластувањата кои му се дадени за преговорите кои ќе се водат низ сите фази на медијацијата.

Медијацијата се иницира со поднесување на писмено барање до избраниот медијатор кое треба да ги содржи неопходните податоци од кои може да се заклучи кој ја иницира постапката , против кого за каков вид според однос се рабооти и која е вредноста на спорот. Кога иницијатор на постапката на медијација е физичко лице во прилог на барањето се доставува и копие од лична карта а доколку е правно лице се доставува тековна состојба како за иницијаторот така и за спротивната страна заради утврдување на статусот на правното лице во правниот промет.

Кога во постапката на медијација интересите на страната ги застапува полномошник согласно одредбите од ЗПП, кон Барањето за спроведување на постапката на медијација, во прилог се поднесува и Полномошно за застапување во постапка на медијација со точно одреден делокруг на овластувања за полномошникот, за неговото директно учество во преговорите кои се од доверлива природа, нејавни и треба да доведат до решавање на спорот.

При доставување на барањето за спроведување постапка на медијација, страната нема задолжителна обврска веднаш во прилог да доставува и писмени документи. Ако спротивната страна, односно страната до која е упатена поканата за учество во постапка на медијација ја прифати поканата тогаш медијаторот, е должен да ги извести и двете страни во спорниот однос дека доколку имаат намера во преговарањето да користат одредени писмени документи (акти, вешт наод, проценка и сл.) истите да ги достават до медијаторот пред одржувањето на првата средба на преговарање.

Секоја од страните учеснички во медијацијата, без оглед што има дадено изјава за согласност за учество во медијација, има право да отстапи од понатамошно преговарање во било која од фазите на медијација за што има обврска да го извести медијаторот кој посредува во постапката.

Интенцијата на медијацијата е постигнување заемна спогодба која ќе обезбеди win – win ситуација помеѓу страните. Во знак на постигнатата согласност за заемното спогодување, двете страни и медијаторот ќе ја потпишат писмено изготвената спогодба, со што медијацијата ќе се смета дека е успешно завршена. Доколку секоја од страните ги оствари своите права односно ги исполни своите обврски при постигнувањето на спогодбата, спогодбата ќе се смета за целосно реализирана и нема потреба ваквата спогодба да се солемнизира кај нотар. Доколку спорот бил решен со спогодба во која за едната страна произлегле обврски кои треба да се исполнат во одреден временски период, пожелно е заради обезбедување на својството на извршна исправа, постигнатата писмена спогодба да се солемнизира кај нотар.
Автор:
Лиценциран Медијатор Роза Алексова

Сите едукативни содржини