Што е медијација?
Медијацијата е вонсудска постапка за решавање на спорови, во која медијаторот им помага на страните по пат на преговарање да дојдат до заеднички прифатливо решение. Медијацијата е алтернативен, вонсудски начин на решавање на спорови, кој е доброволен, страните лично учествуваат во постапката и решавањето на спорот, сами ја контролираат постапката и доаѓаат до решение, при тоа загарантирана им е доверливоста на постапката, заштедуваат парични средства и време за решавање на спорот, а крајната цел е задоволство на двете или сите страни кои учествувале во постапката, унапредување на нивните лични и деловни односи и соработка.
Кои се предностите на медијацијата над судската постапка?
Во постапката на медијација двете страни учествуваат во решавање на спорот и заеднички доаѓаат до решение кое е подеднакво прифатливо за двете страни, така што сите страни се чувствуваат победници, се доаѓа до ситуација win-win. Страните со своето учество го контролираат процесот, допринесуваат за позитивен резултатот, одлучуваат за содржината на спогодбата. Додека во судската постапка судот одлучува кој ќе го добие спорот, а само една страна е победник. Судскиот процес трае долго, додека медијацијата е брза постапка. Страните кои ќе седнат на преговарачка маса, во пракса за 3-4 часа, со помош и насочување на медијаторот го решаваат спорот. Во судската постапка трошоците се многу поголеми, а една од предностите на медијацијата е што е евтина постапка. Медијацијата е тајна, во постапката учествуваат само медијаторот и страните, и доколку е потребно законските застапници и полномошници, додека судските постапки можат да бидат и јавни. Во медијацијата се почитуваат личните вредности на страните, културата, обичаите и традициите, а овие вредности можат да бидат имплементирани и во решението. Со решението можат да се решат сите спорни односи, можат да се решат дел од спорните односи, односно да се постигне согласност за фактичките прашања, а за правните прашања може да се покрене судска постапка. Со медијацијата се обновуваат нарушените односи, се подобрува квалитетот на дијалогот во иднина, дури и може да се превенираат настанување на нови конфликти меѓу субјектите.
Кои спорови се решаваат со медијација?
Со медијација се решаваат имотноправни, семејни, работни, трговски, потрошувачки, осигурителни, спорови од областа на образованието, заштитата на животната средина, спорови во врска со дискриминацијата, по приватна тужба или кога детето кое е кривично одговорно, а кое дошло во судир со законот, односно сторило кривично дело за кое е предвидена казна затвор до 5 години, како и во други спорни односи каде медијацијата одговара на природата на спорните односи и може да помогне за нивно решавање.
Кои се начелата на медијацијата?
Во постапката на медијација се применуваат начелата на доброволност, неутралност, доверливост, исклучување на јавноста во медијацијата, еднаквост на страните, достапност на информации за медијацијата во други постапки, ефикасност и правичност, кои се однесуваат на самата постапка, но и на медијаторот и страните во постапката. Начелото на доброволност се однесува на доброволно пристапување на страните во постапка на медијација со потпишување на писмена согласност, начинот на водење на постапката и доброволно прекинување на постапката. Страните се рамноправни во постапката за медијација. Во постапката за медијација, медијаторот постапува неутрално и непристрасно во однос на страните или на спорниот однос. Доверливоста се однесува на сите информации што произлегуваат или се поврзани со постапката на медијација кои ќе останат доверливи, освен ако страните писмено поинаку не се договориле. Во постапката за медијација јавноста е исклучена. Во постапката за медијација учествуваат страните, а правното лице го застапува законски застапник, односно овластен полномошник. Страните имаат еднакви можности за учество во постапката за медијација, медијаторот постапува еднакво со страните. Постапката на медијацијата е економична, ефикасна и брза постапка до која страните имаат лесен и еднаков пристап. Во постапката на медијација се гарантира правично постапување.
Колку трае медијацијата?
Согласно Законот за медијација постапката трае 60 дена, согласно Закон за парнична постапка, Закон за кривична постапка и Закон за правда за дете трае 45 дена, но праксата покажува дека кога страните навистина имаат желба да го решат спорот и кога медијаторот поседува соодветни вештини постапката завршува на 3-4 средби.
Како започнува, како се спроведува и како завршува постапката на медијација?
Медијацијата започнува на денот кога страните во спорот во писмена форма се согласиле дека ќе учествуваат во постапка на медијација или со потпишување на изјава за согласност дадена на записник пред суд. Страната која што смета дека постои спорен однос упатува писмена покана преку медијатор до другата страна или до повеќе страни, доколку во спорот се вклучени повеќе страни. Во рок од седум дена по добивањето на поканата за медијација поканетата страна треба да се јави на средба со медијаторот или на заедничка средба со медијаторот и страната која ја упатила поканата за медијација. Доколку на средбата една од страните не е согласна спорот да се решава во постапка на медијација истото писмено го потврдува. Ако страната која поканила друга страна на медијација не добие одговор за прифаќањето на поканата за медијација најдоцна во рок од 15 дена од денот на испраќањето на поканата или во друг пократок рок кој е утврден со поканата, се смета дека предлогот за поведување на постапка на медијација не е прифатен. Страните спогодбено определуваат дали постапката за медијација ќе ја води еден или повеќе медијатори и спогодбено ги избираат лицата кои ќе бидат медијатори од Именикот на медијатори. Ако страните не можат да се спогодат за бројот или за лицата кои ќе бидат определени за медијатори, можат да побараат Комората на медијатори да препорача или да го определи бројот на медијатори или да определи медијатор за дадениот спорен однос. Пред почетокот на постапката на медијација, медијаторот е должен да ги запознае страните со целите на медијацијата, улогата на медијаторот, правилата и трошоците на постапката на медијација. Страните слободно се спогодуваат за начинот на спроведување на медијацијата, почитувајќи ги начелата на медијацијата утврдени со Законот за медијација. Медијаторот може да води заеднички или одвоени разговори со страните, како и предлозите и ставовите на едната страна, со нејзина согласност, да и ги пренесе на другата страна. Страните и медијаторот, доколку поинаку не се договориле, можат во кое било време во текот на постапката на медијација да изнесуваат свои предлози за спогодбата со која ќе го решат спорот, на секоја страна и се дава можност да се произнесе по предлозите. Спогодбата постигната во постапката на медијација во писмена форма ја изготвуваат страните во постапката или по нивно барање ја изготвува медијаторот, а ја потпишуваат страните во рок од три работни дена од денот на постигнувањето на спогодбата. Содржината на спогодбата ја одредуваат страните. Кога страните сакаат на спогодбата да и дадат сила на извршна исправа, содржината на спогодбата во пишана форма, потпишана од страните и медијаторот ја солемнизира нотар.
Медијацијата може да почне и по започнување на судска постапка, во било која фаза на судската постапка. Но, заради скратување на времето кое ќе биде потрошено во судската постапка, за најпогоден момент за започнување на медијација е почетокот на судската постапка. Ако постапката на медијација се води по упатување на судот, медијаторот е должен во рок од три работни дена по завршувањето на постапката на медијација да го извести судот за начинот на завршување на постапката. Во рок од три работни дена по потпишувањето на спогодбата постигната како резултат на упатување на медијација при прекин на судска постапка, медијаторот е должен да ја достави спогодбата во суд и истата претставува основ за судско порамнување.
Трошоци за постапката на медијација
Во постапката за медијација секоја страна ги намирува своите трошоци од постапката, а заедничките трошоци ги намируваат на еднакви делови, освен ако страните поинаку не се договорат. Заедничките трошоци ја сочинуваат наградата на медијаторот и трошоците на медијаторот во врска со постапката на медијација.
Висината на наградата и надоместокот на трошоците на медијаторот се определуваат со Тарифник кој го донесува министерот за правда по претходно прибавено мислење од Комората на медијатори. Постапката на медијација може да биде бесплатна за страните во случај кога страните и медијаторот ќе се договорат за тоа или кога тоа е уредено со закон. По завршувањето на постапката на медијација, медијаторот е должен на страните да им достави доказ за потрошените средства, како и преглед на преземените дејствија, тарифирани согласно со Тарифникот за надоместок и награда на медијаторот. Непотрошените средства им се враќаат на страните во постапката за медијација.
Вештините кои ги поседува медијаторот
Медијаторот поседува вештини да собере релевантни информции за спорот во текот на краткиот дијалог помеѓу страните, да ги идентификува кои се позициите, интересите и потребите на страните, како и кои се точките на разидување, односно кои се спорни прашања, како и кои се заеднички точки. Освен способноста да го идентификува проблемот, медијаторот има одредени комуникациски вештини како што се активно слушање, правилно поставување на прашања и пренесување на пораки, употреба на ,,јас,, говор, парафразирање, преформулирање, резимирање, употреба на невербална комуникација, неутралност во постапката, не осудување и критикување, насочување на комуникацијата кон решение, поттикнување на страните кон решение и формулирање на писмената спогодба помеѓу страните.
Кои се измените во Законот за парнична постапка во делот за стопански спорови и што предвидуваат тие?
Помеѓу деловните субјекти настануваат деловни односи, кои се збир на правни и други формални и неформални односи и интеракции. Сите спорови кои произлегуваат од стопанските односи се сметаат за стопански спорови, а постои широк дијапазон на спорови. Споровите можат да произлезат при промет на стоки и услуги, од платниот промет, од областа на осигурувањето, спорови во градежништвото, банкарството итн. Кај сите овие спорови од големо значење е брзината во решавање на спорот, со крајна цел одблокирање на средствта кои се потребни при работењето. Токму тоа е една од причините за примена на медијацијата во решавање на стопанските спорови. Спорот се решава за кратко време, без нарушување на меѓусебите деловни односи, се постигнува спогодба при што се ослободуваат блокираните средства, постапката е тајна, со што се избегнува нарушување на угледот кај потрошувачите и корисниците на услуги. Медијацијата во светот е широко прифатена постапка за решавање на стопански спорови заради флексибилност на постапката која може да се прилагоди на специфичните потреби на страните, страните активно учествуваат во решавање на спорот и го контролираат исходот на постапката. Медијацијата е насочен кон подеднакво задоволување на интересите на деловните партнери, а не на правните прашања, како во судската постапка.
Согласно законските измени на Законот за парнична постапка кои се применуваат од 01.02.2016г., во стопански спорови за парично побарување чија вредност не надминува 1.000.000 денари, а по кои постапката се повeдува со тужба пред суд, странките се должни, пред поднесувањето на тужбата да се обидат спорот да го решат по пат на медијација. Фирмите имаат обврска пред поднесување на тужба пред суд за стопански спор, да се обратат кај медијатор кој ќе се обиде спорот да го реши на мирен начин, за помалку време и со помалку трошоци.
Споровите од мала вредност кои најчесто ги опфаќаат долговите, задршките и други побарувања до 600.000 денари, според анализите на Центарот за правни истражувања покажале дека не се погодни за нив да се поведе судска постапка бидејќи не постои економска оправданост, траат долго, а трошоците од судската постапка за физичките лица, но и за државата се високи, често повисоки и од вредноста на самиот спор. Експертите препорачуваат за ваквите видови на спорови замена на судската постапка со медијација.
Деловните субјекти при склучување на договори во кои законската регулатива им дозволува со своите права слободно да располагаат како договор за купопродажба, договор за закуп, договор за градење и други, корисно е да предвидат одредба со која при евентуален спорен однос, истиот да го решат по пат на медијација, која ќе обезбеди побрз, поевтин и поефикасен начин на решавање, пред да поведат судска постапка.
Адвокатите и медијацијата
Во праксата има широки можности за подршка на медијацијата од страна на адвокатите, а со тоа градат професионален углед, доверба и задоволство кај странките. Адвокатите се запознаени со предностите на медијацијата во однос на судската постапка во однос на траењето на постапката, трошоците, флексибилноста, тајноста, партиципативноста на страните и исходот на постапката, и пожњлно е за тоа да ги информираат нивните клиенти. Доколку при медијација не се дојде до спогодба, адвокатите секогаш ќе имаат можност странката да ја застапуваат во судска постапка, но и во постапката на медијација улогата на адвокатите како полномошници е многу битна и и дава сигурност на странката при пристапување кон процесот на медијација и прифаќање на одредени решенија. Подршката на страните да пристапат кон медијација од страна на нивните адвокати создава доверба меѓу нив, го зголемува угледот на адвокатот кај странките , а епитетот на ефикасен и добронамерен адвокат кој и на друг начин им помага на страните, брзо ќе се прошири помеѓу потенцијалните клиенти.
Автор:
Медијатор м-р. Гордана Атанасова,
член на Управен Одбор на Комора на медијатори на РМ