Медијацијата нуди многу предности за граѓаните и за деловните субјекти, но потребна ѝ е поголема афирмација, што може да се постигне со преземање соодветни афирмативни мерки, законски измени и зајакнување на свеста за предностите што ги нуди како вонсудски начин на решавање спорови од најразличен вид, вели за Академик медијаторот Зоран Вучев, доктор по социјална политика и социјална работа и еден од авторите на Прирачникот за обука на медијатори, кој на обуката во организација на Академик посветена на медијацијата во стопанските спорови ќе говори за основните принципи на медијацијата, за текот на постапката, како и за вештините за постигнување позитивен исход.
 
Медијаторе Вучев, медијацијата како вонсудски и законски начин на решавање спорови од најразличен вид има бројни предности, како за граѓаните така и за деловните субјекти. Би можеле ли да ни посочите некои од тие предности во однос на сите други начини на решавање на споровите?

Медијацијата е законски дозволена постапка, предвидена како алтернатива на судската постапка при решавањето на следните спорни односи, и тоа: семејни спорови во делот на движен и недвижен имот; кривични предмети, кај децата сторители на кривични дела, по пријава за дејствие што со закон е предвидено како кривично дело или за кое е предвидена казна затвор до пет години и по приватна тужба; потоа осигурителни спорови; потрошувачки спорови, како и трговски и стопански спорови.

Со медијацијата можат да се решаваат и индивидуални работни спорови, спорови што произлегуваат од дискриминација, спорови во врска со заштитата на животната средина и други видови спорови каде што медијацијата одговара на природата на спорниот однос и може да помогне  за негово разрешување.

Предностите на медијацијата се бројни. Медијацијата е најбрз алтернативен метод за решавање спорови, чие времетраење во најголема мера зависи од волјата на страните за изнаоѓање на заемно прифатливо решение и тоа во насока на сведување на минимално потрошено време од еден до два часа, а максимално предвиден законски рок според ЗПП (кога медијацијата е отпочната по иницирање на судска постапка) е 45 дена, односно 60 дена според Законот за медијација, доколку медијацијата е започната пред да се поведе судска постапка.

Потоа, трошоците се неколкукратно помали во споредба со спор решен во судска постапка. Има стручност и непристрасност на медијаторот кој е избран со согласност постигната меѓу двете страни во спорот. Страните се авторитет во постапката и имаат целосно влијание над процесот и на исходот и содржината на  спогодбата.

Оттука, во постапката постои автономија на странките. Нема тужбено барање, се расправа за прашања кои ќе се наметнат во моментот, а за кои страните сакаат да се произнесат.

Исто така, голема предност е доверливоста. Постапката е доверлива, но и флексибилна, и се одвива во пријатна атмосфера за странките. Треба да се нагласи дека во постапката за медијација постои законско ограничување, т.е. предлозите изнесени во постапката на  медијација, како и изработените акти, да не може да бидат искористени како аргумент во подоцнежна судска или арбитражна постапка.

Кои се клучните измени на Законот за парничната постапка кои се однесуваат на медијацијата?

Измените кои се направија во ЗПП и кои се во примена од 1 февруари 2016 година, се однесуваат на стопанските спорови за парично побарување чијашто вредност не надминува 1.000.000,00 (еден милион) денари, а по кои постапката се поведува со тужба пред суд, странките се должни, пред поднесување на тужбата, да се обидат спорот да го решат по пат на медијација спроведена со посредство на лиценциран медијатор.
 
При поднесување на тужбата, тужителот е должен да приложи писмен доказ – изјава составена од лиценциран медијатор, дека обидот за решавање на спорот по пат на медијација не успеал.
 
Страните заинтересирани за медијација треба да внимаваат при изборот на медијатор бидејќи единствено лиценцираните медијатори, во согласност со одредбите од ЗМ, се легитимирани да ја спроведат постапката на медијација. Секое постапување од нелиценцирано лице во постапката на медијација не произведува правно дејство. Листата на лиценцирани медијатори е објавена на интернет-страницата на Министерството за правда на РМ.

Дали се потребни и понатамошни законски измени за зацврстување на улогата на медијацијата во македонскиот правен систем и, во таа насока, што е потребно да се преземе за поголема афирмација на медијацијата?

Да, потребно е да се преземат дополнителни посмели чекори од страна на надлежните, да се дозволи задолжителен обид за медијација во сите видови спорови кои се дозволени (алтернативно – медијабилни) во согласност со закон, не само на трговските спорови до 1.000 000,00 денари. Потребно е горниот лимит на висината на споровите за кои е во сила задолжителниот обид на медијација да се отстрани како ограничување со измена на ЗПП, па така и стопанските спорови над 1.000.000,00 денари да се решаваат најпрво со задолжителен обид на медијација, а потоа доколку спорот не се реши во медијација, да се иницира судска постапка.
 
Исто така, од позитивните согледувања од спроведувањето на медијацијата во поразвиените држави, каде што е веќе успешно имплементирана во правните системи, во постапка на медијација вообичаено се решаваат и брачните спорови, односно разводите на брак, регулирање на релации, односи деца и блиски сродници, вадење на лични документи итн., а кај нас сè уште решавањето на овој вид на спорови не е дозволено со ЗМ. Потребна е и измена на Законот за семејство за и овој вид спорови да се решаваат побрзо, поефикасно/поефективно во постапка на медијација, секако во согласност со начелото на доверливост.
 
Постапките поврзани со надоместувањето на материјална и нематеријална штета се исто така подобни за решавање по пат на медијација, во согласност со одредбата од Законот за задолжително осигурување во сообраќајот која предвидува пред да се поведе судска постапка, странката да поднесе најпрво барање за обесштетување до осигурителната компанија, што всушност треба да се преземе/да се усогласи и во Законот за медијација. Со оглед на тоа какво е сега законското решение за постигнување спогодба кај овој вид спорови, не постои посредување на трето неутрално лице (медијатор) при решавање на спорот. Кај овој вид спорови ако се обезбеди задолжителен обид за решавање во постапката на медијација, ќе се постигне повисок степен на рамноправност и неутралност на двете страни во спорниот однос.

Што е потребно да се направи за поголема афирмација на медијацијата?

Потребно е надлежните државни институции, Министерството за правда и сите поврзани министерства надлежни во својот делокруг за имплементација на медијацијата, по хоризонтала да изготват краткорочна и среднорочна стратегија за имплементација на медијацијата во РМ, да изготват оперативен и акциски план за имплементација на медијацијата, да обезбедат доволно финансиски средства за имплементација и за поддршка на медијацијата.
 
Исто така, потребно е да се воспостави систем за мониторинг и евалуација на имплементацијата на медијацијата во РМ и да се направи институционална мрежа на засегнати институции, засегнати страни, потоа да се разработи соодветна методологија и соодветни индикатори за следење на имплементацијата на медијацијата, треба да се донесе одлука на ниво на Влада и да се номинира централен орган/министерство/точка кој ќе ја координира работата и ќе се задолжи да известува на квартално ниво за имплементацијата, афирмацијата, и за слабостите во имплементацијата на медијацијата.
 
Понатаму, неопходно е човечките ресурси (државата со надлежните министерства, невладините организации, фондовите/фондациите, стопанските комори, банките, осигурителните компании, судовите, Академијата за судии, Адвокатската комора, Комората на извршители, Нотарската комора, Организацијата на потрошувачи, синдикалните организации) да се насочат да го препознаат својот интерес од заедничката краткорочна и среднорочна имплементација на медијацијата во РМ.
 
Потребно е да се формира работна група која ќе работи на решавање на колизијата што постои во законските текстови во РМ во однос на медијацијата, како што се: а) што е дозволено да се решава во постапка на медијација, б) рокови за иста правна работа, в) поимно разграничување што се подразбира под медијација, г) дорегулирање на можностите за имплементација на медијацијата во различни законски решенија (пр. Законот за семејство и др.), д) да се предвиди во судската постапка, доколку една од страните не прифати задолжителен обид за медијација – во сите видови на спорови за медијација, да ги сноси и трошоците во постапката до конечниот исход на спорот, без оглед на исходот од спорот за страната, по примерот во Словенија.
 
И на крајот, за поголема афирмација на медијацијата, потребно е да се воведе реално, а не декларативно субвенционирање/стимулација на медијацијата, како за медијаторите, за Комората на медијатори, за судиите, кои треба да ја популаризираат медијацијата (треба да се пронајде механизам/инструмент кој ќе ги мотивира и кој ќе го препознае нивниот интерес).
 
Во таа насока, треба да се предвиди задолжително субвенционирање, како вид на фискално плаќање (процент) од на добивката од стопанските субјекти, потоа остварен профит од банки, уплаќања од игрите на среќа, задолжителен процент од Буџетот на државата за субвенционирање на медијацијата итн.

На 31- ви овој месец во рамките на обуката на Академик ќе одржите предавање за актуелни прашања поврзани со медијацијата. Што ќе биде предмет на вашето предавање?
 
Предмет на оваа обука ќе биде: задолжителниот обид за медијација во трговските спорови со вредност до 1.000.000,00 денари, во согласност со Законот за медијација, Законот за парнична постапка и Директивата 2008/52/ЕЗ, која се однесува на вонсудското решавање спорови по граѓански и трговски прашања.
 

Сите едукативни содржини