КОМОРАТА НА МЕДИЈАТОРИ ПОСЕДУВА ПОТЕНЦИЈАЛ И СТРУЧНОСТ, МАКЕДОНИЈА ДА БИДЕ ЛИДЕР ВО РЕГИОНОТ СПОРЕД РЕШЕНИ СПОРОВИ СО МЕДИЈАЦИЈА.

Што е медијација?

Медијацијата (помирување) е еден вид посредување во кое страните ги решаваат своите спорови со помош на трета независна страна – медијатор, при што помага двете страни да дојдат до решение на обострано задоволство. Решението мора да биде во интерес на двете страни. Медијацијата е доброволна, неформална, доверлива, брза и слободна постапка. Успешната медијација (помирување) завршува со потпишување спогодба (договор) чија форма и содржина ја утврдуваат страните.
АКО:Медијацијата во развиените земји не е непознат облик на решавање на споровите.Каква е ситуацијата на овој план кај нас и кои се предностите?

Младеновски: Оптовареноста на домашните судови со голем број предмети, појавата на висок степен на неефикасност во давање правна помош на граѓаните, како и големото незадоволство кај странките од нивната работа ја наметнува потребата од барање нови решенија.

Една од опциите со кои треба да биде подобрена состојбата во оваа област е поголема примена на алтернативни начини во решавање на споровите. Медијацијата, како една специфична форма на посредување во споровите меѓу двете страни има значајни предности во однос на другите постапки. Страните во спорот што се определиле за судска постапка не можат однапред да добијат одговор на три клучни прашања, битни за спорот. Прво, дали има право и дали судот ќе донесе пресуда во негова полза? Второ, кога ќе заврши спорот или колку време ќе трае? Трето, колку пари треба да плати на адвокатот и други трошоци ако го загуби спорот, односно, дали ќе ги наплати парите, односно трошоците и покрај тоа што судот ќе донесе пресуда во негова полза. Одговорите на овие прашања упатуваат на три зборови: закон, време и пари од кои зависи натамошното однесувањето на страните во спорот и развојот на нивните меѓусебни односи како клиент / корисник, соработник / вработен или партнер / содружник.

АКО:Кои области ги покрива медијацијата?

Младеновски: Области во кои медијацијата се применува се: граѓански односи, работни односи, во деловни и управни односи, трговски односи, во кривични спорови, во семејни и бракоразводни спорови, во образование (основни училишта), во областа на екологијата и во локалната заедница. Основни принципи на медијацијата се: доброволно и незадолжителност, еднаквост и рамноправност на страните, приватност на постапката доверливост на постапката и итност на постапката

АКО: Како започнува процесот или како се иницира постапка на медијација?

Младеновски: Процесот медијација започнува на предлог на една од страните во спорот што го прифаќа другата страна и постигнуваат согласност околу изборот на медијаторот. Медијацијата е можна кога постои добра волја кај страните спорот да биде решен, кога страните во спорот сакаат и имаат потреба да ја вратат довербата, да ја продолжат (добрата) соработка; кога страните имаат потреба и интерес да биде решен проблемот и кога страните во спорот се чувствуваат заморени од траење на спорот и негово натамошно продолжување.

АКО:Што би требало да направи медијаторот за да ги упати страните во спорот дека вистинската постапка за решавање на нивниот спор е преку медијација?

Младеновски: Вештината на медијаторот се состои во периодот на запознавање на страните со постапката на медијација да им даде колку што е можно повеќе и корисни информации. Ова би можело да се нарече пред фаза во почетокот на постапката, а тоа е моментот кога страната што е поканета на медијација искажува заинтересираност за можноста и за условите под кои се учествува во медијација. Периодот на донесување одлука за учество во медијација за страната што е поканета за да го реши спорот на ваков начин е карактеристичен со нејзина зголемена љубопитност во споредба со судската постапка. Само како илустрација, странката за се што е поврзано со нејзиниот спор што се води во судска постапка се потпира врз упатствата и советите на својот адвокат. Во постапката за медијација, која треба да започне со давање изјава за согласност во пишана форма, страната има желба да го праша медијаторот „едно чудо“ прашања и не знае од каде да почне. Медијаторот треба да оцени кои се основните и првичните информации што треба да ги соопшти на страната, бидејќи во основа не знае што знае страната и треба да направи приоритет според итност и според важност поединечно за секое прашање што ја интересира страната. За медијаторот е корисно во почетниот разговор со страната што е поканета на медијација да ја објасни сопствената позиција во медијацијата и како тој се јавува како лице што треба да им помогне на страните да го решат спорот.

Сите едукативни содржини