15 најчесто поставувани  прашања за медијација
 
  1. Што е медијација?
Медијацијата е мирно решавање спорови помеѓу две или повеќе страни со посредство на медијатор - трета неутрална страна, со цел постигнување заемно прифатливо решение изразено во писмена спогодба.
 
  1. Кои видови спорови се решаваат со медијација?
Медијацијата може да се примени во решавање на имотноправни, семејни, работни, трговски, потрошувачки, осигурителни спорови, како и спорови од областа на образованието, заштитата на животната средина, но и спорови  поврзани со дискриминацијата.
 
  1. Зашто да изберете медијација наместо судска постапка?
  • Затоа што постапката на медијација е економична, ефикасна и брза постапка
  • Затоа што постапката на медијација е доброволна и се спроведува со цел да се задржат или обноват добри односи помеѓу инволвираните  
  • Затоа што судската постапка е јавна, а медијацијата е доверлива и се спроведува надвор од очите на  јавноста
  • Затоа што страните во постапката на медијација се еднакви, рамноправни и активно учествуваат во постапката
  • Затоа што секоја од страните може да отстапи од натамошно учество во постапката во били која фаза без било какво образложение
  • Затоа што во медијацијата нема двостепеност како во судската постапка
  • Затоа што медијаторот го бираат страните, а судијата немаат право да го изберат
  • Затоа штто медијацијата може да се одвива на целата територија на државата, како што и надлежноста на медијаторот се однесува на целата територија на државата
 
  1. Како да изберете медијатор?
Страните во спорот можат да изберат еден или повеќе медијатори (ко-медијатори) од редот на лицата наведени во Именикот на медијатори кој го води и ажурира Комората на медијатори.
Именикот е јавно објавен на интернет страната на Комората на медијатори www.kmrm.org.mk
Именикот е јавно објавен на интернет страната на Министерството за Правда www.pravda.gov.mk
Именикот е јавно објавен на интернет страните на судовите и на нивните огласни табли
 
  1. Кој може да биде медијатор?
Медијаторот може да биде само лице кое поседува Лиценца за извршување медијаторски работи, издадена од Одборот за обезбедување, следење и оценување на квалитетот на работите на медијацијата.
Лиценца може да стекне лице со завршено високо образование, со помината основна обука за медијација од 70 /седумдесет/ часа и положен испит за медијатори.
 
  1. Како се иницира медијација?
Медијацијата може да ја иницирате со поднесување Барање за спроведување медијација, до медијаторот кого ќе го изберете од листата на лиценцирани медијатори во Именикот на медијатори. Во прилог на Барањето се поднесува тековна состојба од ЦРРСМ (за правни лица учесници) или лична карта односно пасош (за физички лица учесници) како и полномошно за застапување во медијација доколку странката има интерес да ја застапува полномошник адвокат со стриктно наведени овластувања кои полномошникот има право да ги превзима во име и во корист на странката која ја застапува.
 
  1. Кога се смета дека медијацијата започнува ?
Кај доброволна медијација, медијацијата започнува на денот кога страните учесници ќе потпишат изјава за согласност за учество во медијација
Кај медијацијата за која е пропишан задолжителен обид според закон, медијацијата започнува на денот кога се праќа покана до спротивната страна
Кај медијацијата предвидена со договор, медијацијата започнува кога и двете страни ќе потпишат писмена изјава за согласност за учество во медијација
 
  1. Колку време може да трае медијацијата ?
Од моментот на започнување на медијацијата, истата може да трае најмногу 60  дена, доколку е започната пред поднесување на тужба, или 45 дена од моментот кога е донесено Решение за прекин од страна на судот каде е веќе по тужба започната постапка за решавање на конкретниот спор.
 
  1. Како се одвива постапка на медијација?
Страните слободно се договараат за начинот на кој ќе се одвива медијацијата и истата се спроведува во четири фази : Подготовк, истражување, разгледување опции за можни решенија и завршница.
Во текот на целата постапка, без оглед која од фазите се спроведува, секоја од странките може да понуди опција како решение на конкретниот спор.
 Медијацијата се спроведува во одвоени средби со разговори помеѓу медијаторот и странката или заеднички разговори/преговарања помеѓу страните со посредство на медијаторот, во деловен простор погоден за спроведување на медијација, на целата територија на државата и во рок од најмногу 60 дена.
 
  1. Која е целта на страните кои се одлучиле за медијација?
Да се обидат во одвоени или заеднички средби со посредство на медијаторот да постигнат спогодба со која компромисно ќе го решат спорот така што ниту една од страните да не се чувствува поразено, а со цел продолжување или обновување на добри односи
 
  1. Кој ја изготвува спогодбата?
Спогодбата ја изготвува медијаторот според насоките кои ги добива од учесниците во постапката, а може да ја изготват и странките доколку има согласност за тоа.
 
  1. Дали спогодбата има иста правна важност како и пресудата во судската постапка, односно дали може да биде извршна исправа?
Кога постапката за медијација се води пред започнување на судска постапка, а страните сакаат на спогодбата да и дадат сила на извршна исправа, тогаш спогодбата потпишана од страните ја солемнизира нотар согласно закон.
Доколку медијацијата започнала откако е веќе поднесена тужба за  конкретниот спор, спогодбата за да се стекне со својство на извршна исправа, се внесува на судскиот записник во вид на судско порамнување.
 
  1. Што ако страните не успеат да постигнат спогодба во медијација?
Ако не се постигне спогодбено решение на спорот, медијаторот им издава Изјава дека постапката е завршена, а страните може да побараат друга разрешница на спорот, односно да поднесат тужба до надлежен суд или да користат друг начин на алтернативно решавање спорови.
 
  1. Кој ги плаќа трошоците во постапката на медијација?
Во постапката за медијација секоја страна ги подмирува своите трошоци, а заедничките трошоци ги намируваат во еднакви делови, освен ако поинаку не се договорат.
 
  1. Што ако страните постигнале спогодба во медијација, истата не ја солемнизирале, а не се исполнети обврските од спогодбата во рокот предвиден за нивно исполнување ?
Во ваков случај, постигнатата спогодба во медијација ќе претставува основ за поднесување тужба пред надлежен суд со барање за нејзина целосна реализација преку судска одлука.