Годишна конференција за медијација - МЕДИЈАТОРИТЕ СЕ ЛИДЕРИ ВО РЕГИОНОТ

На 9 јуни 2021 година  преку ЗООМ платформата беше одржана годишната конференција „Медијација за нова култура во решавањето на споровите“, која се организираше во рамки на Проектот „Медијација без дилема“. Оваа конференција е една од повеќето активности што во наредните две години ги спроведуваат како партнери Институтот за европска политика (ЕПИ), Комората на медијатори на Северна Македонија (КМРСМ), Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО) и Холандската федерација на медијатори (ХФМ) со финансиска поддршка од Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје.

На годишната конференција „Медијација- за нова култура во решавањето на споровите" се обрати министерот за правда на Северна Македонија, Бојан Маричиќ кој ја потврди заложбата на Министерството за правда за подигнување на свеста и промовирање на медијацијата како алтернативно решение. Министерот Маричиќ истакна дека медијација како алтернативен начин на решавање на споровите треба да ги растовари судовите од натрупување предмети. Според министерот Маричиќ, со новиот Закон за медијација, кој веќе ја помина владината процедура, дополнително се зацврстува улогата на медијаторите и зголемува довербата на страните во постапката.„Мирното решавање на споровите треба да се гледа како дополнување на судскиот систем, а не како негова замена.“ – додаде министерот Маричиќ.

-Статистиката покажува дека вкупната бројка на медијации од 2007 до 2016 година, не достигнувала ниту до троцифрен број, но од 2017 година почнува да се забележува драстична разлика. Веќе во 2020 година, медијаторите прикажаа внесени 1943 предмети во регистарот за евиденција на постапките за медијација на Министерството за правда, од коишто 65% или 1275 завршиле со спогодба. Цел на Министерството за правда е овој процент дополнително да се зголемува, а Северна Македонија да биде регионален лидер кога станува збор за спорови решени по пат на медијација, истакна Маричиќ. Тој се заблагодари на партнерите во овој проект Комората на медијатори, Институтот за европски политики ЕПИ на Академијата, за реализацијата на овој Проект, на Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје за поддршката на правосудството на Северна Македонија, , секако упати и благодарност до бидејќи според него обуката на правните професионалци во однос на придобивките од медијацијата е клучна за успешен развој на концептот на медијација. Министерот Маричиќ во своето обраќање ја истакна важноста на алтернативно решавање на споровите и дека медијацијата несомнено може да донесе голем број придобивки во едно општество: побрзо решавање, значително помали трошоци за решавање на споровите, но и растоварено судство.

Н.Е. амбасадорот на Кралството Холандија во Скопје, г. Дирк Јан Коп изрази задоволство од реализацијата на овој Проект. Како што истакна тој овој проект кој започна пред 1 година има за цел да ја доближи медијацијата до Северна Македонија. Медијацијата е успешен концепт во Холандија, а за тоа зборува и фактот дека ресторативната правда се употребува и во кривични случаи со кои се опфатени малолетни лица. Н.Е. Дирк Јан Коп искажа благодарност до сите инволвирани и уште еднаш ја потврди поддршката на Кралството Холандија во развојот и унапредувањето на правосудниот систем во Северна Македонија.

Претседателот на Комората на медијатори на Северна Македонија Славе Младеновски изрази надеж дека од оваа годишна конференција ќе произлезат силни пораки за употребата на медијацијата во Северна Македонија и медијаторите практично покажале и докажале дека процесот на медијација е ефикасен, економичен и пожелуван за секого, односно дека постојано се зголемува бројот на постапки на медијацијата. Претседателот Младеновски истакна дека определбата како Комора кога се формирале во 2017 година била да бидат лидери во регионот според постигнати спогодби што е остварено кога се прави споредбата со државите во регионот. Денес, откако е евидентен напредокот на медијацијата во македонското општество  поставуваме нова цел, а таа е во наредните 4 години со резултатите да бидеме подобри од најдобрите, рече Младеновски. Во своето обраќање Младеновски истакна дека може да се дојде до значително зголемување на бројот на постапки во медијацијата во наредниот период ако дојде до одредени измени во законите. Измените на законот за медијација доаѓаат во период кога е констатиран напредок во примената на медијацијата во споредба со претходниот период. Како Комора на медијатори особено работиме на промоција на медијацијата меѓу граѓаните и во институциите и конкретни групи во општеството,- рече Младеновски и додаде дека со укажување на предностите, правилата и принципите на медијацијата, очекува да се намали бројот на предмети во судовите што ќе биде само по себе големо растоварување на судовите. Младеновски упати благодарност до министерот за правда Маричиќ за напорната работа се со цел да се измени Законот за медијација и да овозможи зголемена употреба на медијацијата при решавање на споровите, како и до партнерите во овој проект со кој се постигнува поголема промоција на медијацијата.

На конференцијата директорката на ЕПИ Симонида Кацарска истакна дека голем дел од институциите се свесни за придобивките на медијацијата, но дека се уште има потреба за поголема афирмација на медијацијата како алтернативен начин за решавање на споровите. Според прелиминарните резултати од анкетата спроведена на ЕПИ постои подготвеност од страна на многу од факторите, како и упатување од страна на судиите, поголема прифатливост и од адвокатите, поголема свесност кај јавната администрација за потенцијалот што го нуди медијацијата. Сепак, според резултатите се забележува дека околу 40 проценти од испитаниците во јавната администрација и од бизнис секторот не се запознаени со медијацијата. Сегашниот концепт за медијација имал забелешки од Европската комисија во извештајот за напредокот на земјава, што според говорниците ќе биде надминато со новиот Закон за медијација. Една од целите на новиот Закон за медијација е приближување кон практиките на земјите членки на ЕУ, каде во секоја ситуација на разрешување на конфликтни и спорни ситуации, акцентот се става на алтернативното решавање, рече Кацарска.

На оваа конференција со поздравен говор се обрати директорот на Академијата проф. д-р Наташа Габер Дамјановска, која рече дека медијацијата како алтернативно решавање на споровите во Северна Македонија за жал не го добива заслуженото внимание и дека е потребна поголема промоција и ангажираност на сите релевантни институции во Северна Македонија  доколку сакаме да ја промениме перцепцијата на општеството во однос на медијацијата. Темата за медијација е опфатена во програмите за континуирана и почетна обука на Академијата. Академијата постојано ги надградува концептите на овие програми сé со цел тие да одговорат на барањата и потребите на правните професионалци.  Неодамна се одржа тридневна обука во рамки на Проектот „Медијација без дилема“ посветена на ресторативната правда за децата и истата беше прифатена со голем интерес од страна на слушателите на почетната обука од седмата генерација. Во наредниот период ќе следат обуки за обучувачи каде националните професионалци ќе имаат можност да ги слушнат искуствата на експертите од Холандија, а потоа и тие да ги споделат со своите колеги. Среќни сме што можеме да учиме од најдобрите.“ – додаде проф. д-р Габер Дамјановска. За крај таа се заблагодари на сите посебно на Амбасадата на Кралството Холандија за нејзината поддршка не само на правосудниот систем, туку и на Академијата, и секако на Министерството за правда за несебичната ангажираност во реализацијата на голем број активности кои се во насока на подобрување и унапредување на ефикасноста на правосудниот систем на Северна Македонија.

Претседателот на Холандската федерација на медијатори, г. Јан Ван Цвитен, упати благодарност до сите кои  се денес присутни. Според него до сега најголемиот ентузијазам за промоцијата на медијацијата ја забележал во Северна Македонија. Во изминатиот период бројот на случаи решени по пат на медијација е толку мал што може да се заклучи дека медијација и нема во Северна Македонија. За г. Ван Цвитен потребен е квалитетен кадар, промоција, подигнување на свеста за медијацијата и подигнувањето на образованието со цел медијацијата да го добие своето заслужено место. Тој верува дека со вклученоста на сите релевантни институции, медијацијата може да заживее во Северна Македонија.

Веднаш по воведните обраќања искуствата на своите земји во однос на медијацијата ги презентираат присутните експерти од Холандија, Италија, Грција, Хрватска и Мексико. За националните искуства и клучните предизвици во однос на медијацијата говореа претставници на релевантни домашни институции и медијатори.

Линк од конференцијата