РАЗВОЈОТ НА МЕДИЈАЦИЈАТА МОТИВ ЗА ПОТПИШУВАЊЕ МЕМОРАНДУМ ЗА СОРАБОТКА

Комора на медијатори на Република Северна Македонија, Институтот за европска политика (ЕПИ), Академија за судии и јавни обвинители ,,Павел Шатев’’ и Холандска федерација на медијатори потпишаа Меморандум за соработка како основа за реализација на проектот масловен „Медијација без дилеми“. Овој проект е финансиран од Амбасадата на Кралството на Холандија во Скопје и ќе биде реализиран во две години.

Главна цел на проектот е да придонесе кон зголемување на стапката на користење на медијацијата како алтернативен начин за решавање на споровите. Специфични цели се обезбедување на истражување базирано на докази за користењето на медијацијата како алтернативен начин за решавање на спорови во Република Северна Македонија, потоа зајакнување на капацитетите на медијаторите, судиите и Комората на медијатори и овозможување и промовирање на суштински дијалог и соработка помеѓу најрелевантните страни од областа на медијацијата.

Целни групи се експерти од областа на медијација, медијатори, јавни обвинители, Владата, министертвото за правда, Академијата за судии и јавни обвинители, претставници на бизнис секторот во РСМ, Стопанските комори на РСМ, компаниите, претставници на државните институции, студенти и граѓаните во целост. Крајни корисници се правосудните институции ( Академијата за судии и јавни обвинители, судови и јавни обвинителства, министертвото за правда и други инстиуции), Комората на медијатори, медијаторите, судиите, јавните обвинители, кандидатите за судии и јавни обвинители и граѓаните.

Во Меморандумот страните се согласија да организираат две годишни конференции за медијацијата, во целите на промовирање на медијацијата како механизам за алтернативно решавање на спорови, потоа спроведување дводневна обука за финансиите и за комуникацијата за членовите на Комората на медијатори и спроведување  три дводневни курсеви за обука за јакнење на концептот на медијација.

Холандска федерација на медијатори според меморандумот за соработка се очекува да придонесе за развој на модул за обука, како дел од програмата за континуирана обука на Академијата за судии и јавни обвинители; да спроведе три серии на обуки за медијација во Академијата за судии и јавни обвинители, во соработка со Академијата и да спроведе трите дводневни курсеви за обука за јакнење на концептот на медијација, во соработка со Комората на медијатори и препорачување на холандски експерти за медијација за обуките;Страните се согласија за давање поддршка на Холандска федерација на медијатори за развивање на институционализиран модул за обука, како дел од програмата за континуирана обука на Академијата за судии и јавниобвинители.

Претседателот на Комората на медијатори м-р Славе Младеновски по повод потпишувањето на Меморандумот истакна дека реализацијата на овој проект доаѓа како резултат на веќе воспоставената соработка со  наведените партенери во  реализација на други проекти. Подршката што ја добиваат партнерите од Холандската Амбасада за реализација на овој двегодишен проект ќе придонесе за поголема промоција на медијацијата во македонското општество,- истакна Младеновски и додаде дека со поголемата примена на медијацијата во решавањето спорови се гради култура во општеството на соработка и партнерство каде што сите страни се победници.

Директорката на ЕПИ д-р Симонида Кацарска истакна дека овој проект ќе придонесе кон зголемување на користењето на медијацијата како алтернативен начин на решавање на спорови. Институтот за европска политика континуирано работи на унапредувањето на медијацијата во нашата држава уште од 2011 година. Големи достигнувања се постигнати во претходниот период, со заедничка заложба на сите клучни чинители, што се гледа и со стапката на решени предмети и постигнати спогодби со постапка на медијација од 2016 година па наваму. Очекуваме дека со овој проект кој се реализира со поддршка на Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје, ќе ги следиме европските трендови за развој на медијацијата, земајќќи го во предвид пред сè искуството од Холандија како европска земја со најголема употреба на медијацијата како алтернативен начин на решавање на спорови.

Со реализацијата на овој проект партнерите се согласија дека медијацијата ќе биде пожелна постапка во решавање спорови за граѓаните и правните субјекти и бројот на случаи би требало да се зголеми во споредба со претходниот период.